HP Elite x3 е најмоќниот Windows 10 телефон кој ќе може да се користи и како лаптоп

Printer-friendly versionSend by email

На саемот за мобилна технологија во Барселона, Mobile World Congress, HP го претстави својот прв смартфон после подолго време, кој интересно доаѓа со вграден Windows 10 Mobile и благодарение на него, преку Continuum опцијата, може да се користи и како Windows 10 компјутер на лаптоп или десктоп компјутер.

Самиот смартфон има спецификации кои се кремот кај смартфоните денес. Дисплејот има големина од 6 инчи и Quad HD резолуција (2560х1440 пиксели), процесорот е целосно новиот Snapdragon 820, помогнат од одлични 4 GB рам меморија и 64 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Овие компоненти звучат импресивно во секој уред каде би биле вградени, но тука се чини конечно ќе бидат целосно искористени. Со Continuum опцијата, овој телефон може да се користи и како Windows 10 компјутер. Да, тоа веќе го имаат Lumia 950 и 950 XL, но идејата на HP е уште понапредна – тие нудат и лаптоп без внатрешни компоненти, кој може да го користи телефонот преку Continuum како начин да му прикаже слика на корисникот.

Според тоа, ова е првото вистинско преносно Continuum решение и мора да се признае, делува навистина импресивно. Досега, оваа опција беше ограничена со тоа да имате монитор (или телевизор) секаде каде што ќе го однесете телефонот и пожелно, маус и тастатура. Сега, со HP Elite X3, корисникот ќе има можност да работи и на својот телефон и кога е во движење, нешто што е голем чекор кон иднината на мобилната технологија.

Лаптопот, наречен Mobile Extender инаку има вградена батерија и неколку дополнителни приклучоци, а има 12,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција, но ќе повторам, во него нема чипови или матична. HP претстави и Desk Dock, кој помага во приклучувањето на смартфонот во монитор за користење како десктоп компјутер, заедно со дополнителна понуда на приклучоци.

Elite x3 има и читач за отпечатоци на прстите како и скенер за ирисот на окото, како и FIPS 140-2 криптографија, 256 битна енкрипција на дискот и TPM 2.0 заштита, што веројатно го прави најбезбедниот смартфон во моментов во светот. Исто така, за телефонот ќе биде достапна и можност за користење на стандардни Windows програми преку “Cloud” платформа, што е од особена важност за корисниците кои ќе го користат како лаптоп или компјутер (ќе биде достапна само за поголемите компании, бидејќи треба да ја подеси стручно лице).

Според сите овие можности овој смартфон изгледа како идеално бизнис решение и навистина, HP и ќе го нуди како такво. Elite x3 има и некои дополнителни можности кои само го поткрепуваат тоа – назад има магнетен приклучок, на кој ќе може лесно да се приклучат останати компоненти (како на пример скенери во медицината), а има и моќен Bang&Olufsen звучник во предниот дел, кој покрај слушањето музика, според HP е одличен и за правење Skype видео разговори.

Но, да се вратиме на самиот телефон – Elite x3 има и квалитетни камери, задната со 16 смегапиксели и f2.0 бленда и предна со 8 мегапиксели, солидна батерија од 4.150 mAh и IP67 сертификат за отпорност на вода до 1 метар длабочина, максимум 30 минути. Телефонот секако се полни со USB Type-C приклучок, кој е моралност за Continuum, а има и можност за Qi и PMA безжично полнење.

Иако се работи за прв смартфон на HP после подолго време и особено „иако“ е со Windows 10 Mobile, а не со Android, Elite x3 личи на сериозно смартфон решение за оние кои сакаат телефонот вистински да им ги замени и таблетот и компјутерот. Цената сеуште не ни е позната, но скоро сигурно вграден во телефонот ќе доаѓа Desk Dock приклучокот за екстерен монитор (за „лаптопот“ веројатно ќе се доплаќа). HP Elite x3 ќе биде достапен на почетокот од летово.

Превземено од Смартпортал

 

Понеделник, Февруари 29, 2016