Неоком АД Скопје го прославува 10-годишниот јубилеј на neoCloud – водечки понудувач на cloud решенија за македонскиот пазар

Скопје, 06.11.2024 – Неоком АД Скопје, компанија која има повеќе од три децении искуство во ИКТ индустријата, го одбележа 10-годишниот јубилеј на својот бренд за услуги во облак – neoCloud. Настанот, кој се одржа во хотелот Панорамика, привлече деловни партнери, клиенти и ИТ експерти, кои имаа можност да се запознаат со значајните достигнувања и идните планови на компанијата.

Неоком е основан во 1990 година, а под своето сегашно име функционира од 1997 година. Преку континуирани инвестиции и развој, компанијата прерасна во лидер на ИКТ пазарот. Во 2004 година го основа телекомуникацискиот оператор Неотел, додека своите cloud услуги ги започна во 2014 година под брендот neoCloud. Понатаму, во 2018 година, Неоком го лансираше својот нов бренд neoDC – дата центар кој нуди колокациски услуги, што дополнително ја зацврсти позицијата на компанијата како иноватор во ИКТ услугите во земјата.

Во склоп на прославата, компанијата најави проширување на neoDC дата центрите надвор од Скопје, со цел да обезбеди уште поголема достапност и сигурност за своите клиенти. Овој проект е дел од стратегијата на Неоком за постојан развој и подобрување на инфраструктурата со која им се овозможува на македонските компании сигурна дигитална трансформација како и на проширување и зголемување на соработката со многу странски компании.

Во текот на настанот, Неоком ги презентираше растот и развојот на neoCloud инфраструктурата, како и достигнувањата и напредокот на тековните услуги и новите решенија. VDC (Virtual Data Center) услугата базирана на VMware технологии, обезбедува хостирање на ИТ ресурси во виртуелен дата центар со целосна флексибилност и контрола за корисниците, која им овозможува да управуваат со виртуелни машини, мрежи и складишта, обезбедени со напредни безбедносни мерки. BRS (Backup and Replication Services) нуди сигурност и континуитет на податоците на корисниците преку создавање на резервни копии и репликација од сопствените системи во neoCloud. Податоците се заштитени со Veeam технологија, која овозможува непроменливи резервни копии и брзо обновување во случај на загуба на податоци од ненамерно бришење или кибернетички напад, како и сериозни инциденти кај основната опрема.

На прославата, neoCloud ги претстави и своите напредни софтверски решенија кои се дел од услугите во neoCloud. neoDoc е систем за дигитално управување со документи (DMS) и автоматизација на деловни процеси (BPM), како и Pulse – платформа за масовна достава на е-пошта и управување со претплатници. Во согласност со глобалните трендови, компанијата нуди интегрирани управувани услуги на Microsoft 365 и Sophos, кои им овозможуваат на корисниците комплетни колаборативни и безбедносни решенија за модерното работно место.

Неоком е посветен на обезбедување на услуги од највисок квалитет. Компанијата е сертифицирана според меѓународните стандарди ISO 9001 за квалитет, ISO 14001 за животна средина, ISO 27001 за безбедност на информации, ISO 20000-1 за управување со ИТ услуги и ISO 22301 за континуитет во бизнисот, со цел обезбедување на сигурни и доверливи услуги.

Со иновативен пристап и непоколеблива посветеност кон корисниците, Неоком со помош на neoCloud има за цел да стане водечки партнер во поддршката за дигиталната трансформација на бизнисите. На овој начин, компанијата создава долгорочни вредности за своите клиенти и ја зацврстува својата позиција на пазарот.